Македонија сребрена на U-23 во Schwaz

Историски успех на македонската јуниорска репрезентација во Schwaz, Австрија. Кугларите кои ја претставуваа земјата на светското U-23 првенство нанижаа низа од сребрени медали.

Стефанија Алексовска, Дарко Јовановски и Андреа Велјановска од Пелистер 1982 и Пелистер Пин, сите освоија барем по еден сребрен медал. Најуспешна е Стефанија која покрај титулата државен првак во сениорска конкуренција, оваа година ја заокружи и со два сребрени европски медали. Таа во квалификациите во класик најпрвин сруши одлични 634, но медалите дојдоа во категориите тендем и тендем микс.

Во тандем микс, Стефанија и Дарко минаа три скалила за да стигнат во финалето. Најпрвин ги елиминираа Естонците, потоа Романците и во полуфиналето Чесите, за во финалето да загубат од одличниот пар на Словенија – Јаниќ Брина и Вид Понебшек, што е доволно за одличен сребрен медал.

Во женскиот тандем, Андреа и Стефанија поминаа четири противнички парови, за да играат во финалето. Хрватски пар во првото коло, потоа полски, па чешки, па романски во полуфиналето, а во финалето играа против Словакињите Сивакова и Затурова. Резултатот, исто така, сребро.


„Ова претставува прекрасно заокружување на една исклучителна генерација млади куглари и кугларки до 23 години, која во изминатите години континуирано се докажуваше не само на домашната сцена, туку и на најголемите меѓународни натпреварувања. , додека репрезентативците во U19 само го потврдија својот потенцијал и престојната работа која треба да ја имаме во иднина.“ – Игор Михајловски, селектор и тренер на U-23 и U-19 репрезентацијата на Македонија.


Кадетски државен рекорд на Владимир Талевски на U-19

Како предвесник на јуниорското првенство, исто така во Schwaz се одржа европското кадетско (U-19) првенство. На него не претставија одличните Владимир Талевски и Емилија Илиевска од Пелистер 1982 и Пелистер Пин.

Владимир во парови сруши нов кадетски државен рекорд кој сега изнесува одлични 634 срушени кегли. Емилија во квалификациите во Австрија, пак, го претстави македонскиот дрес со личен рекорд од 572 срушени кегли.

Скромен настап во сениорска конкуренција

Во сениорска конкуренција, веднаш по помладите категории се одигра поединечното светско првенство каде се претставивме со вкупно 10 играчи. Екипата ја предводеше тренерот и играч Душко Ајдин (Макпетрол), заедно со сениорскиот првак на Македонија, Петар Радовиќ (Макпетрол Б), потоа Коста Ристевски (Вардар 2014), Никола Андоновски (Макпетрол), Александар Блажевски (Макпетрол Б), Урош Стоклас (Радље, Словенија), како и во женска конкуренција Билјана Гаврилова, Мирјана Младеновска, Елена Аврамовска и Драгана Гаврилова, сите од ЖКК ГТЦ-Мусандра.

Најмногу се истакнаа Урош Стоклас и Никола Андоновски кои во парови одиграа 1275 (654+622), што беше доволно за 16-то место на табелата за медали. Парот Блажевски-Ристовски имаа 1200 (591+609), додека Ајдин-Радовиќ 1191 (588+603). Кај жените парот Аврамовска-Младеновска имаше 1162 (580+582), додека парот Билјана и Драгана Гаврилови срушија 1153 (572+581).


„Дефинитивно сета мака и сиот труд, стрес, трчање и неизвесност се исплатеше после освоените четири сребрени медали во У-23 категоријата. До некаде и се надевав и очекував во позадина на потсвеста дека младите имаат шанса да блеснат со оглед на условите и талентот што го поседуваат. Државните, личните рекорди и медалите во младинските категории се најдоброто нешто што можеше да ни се случи и е потстрек да го омасовиме и подмладиме овој спорт. Емилија, Владимир, Стефанија, Андреа, Дарко… се нашата иднина за која стана совршено јасно дека е светла.“ – Дарко Димитровски, Претседател на Кугларската Федерација на Македонија.


 

Similar Posts